Народна банка

Величковски: Монетарната политика и платните системи се клучни за стабилен и модерен финансиски систем

03.07.2026 10:54

Реформите што ги спроведува Народната банка придонесуваат за поефикасна монетарна политика, поголема стабилност на финансискиот систем и модернизација на платните услуги, оценува вицегувернерот Игор Величковски. Тој најавува дека новиот систем за инстант плаќања ќе овозможи трансакции во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата.

Монетарната политика и платните системи се двата клучни столба на современото централно банкарство, а реформите што ги спроведува Народната банка имаат значајна улога во зачувувањето на финансиската стабилност и развојот на финансискиот систем, истакнува вицегувернерот Игор Величковски во обраќањето објавено во билтенот на Македонската банкарска асоцијација.

Според Величковски, измените во оперативната монетарна рамка, усвоени кон крајот на минатата година, веќе даваат резултати преку подобро функционирање на меѓубанкарскиот пазар на пари. Пократката рочност на основниот монетарен инструмент овозможила подинамично управување со ликвидноста и формирање на пазарните каматни стапки блиску до референтната стапка на Народната банка, со што дополнително се зајакнува ефикасноста на монетарната политика, особено во услови на зголемена неизвесност.

Тој посочува дека изминатите неколку години биле период на значајни реформи и во областа на платежните услуги и платните системи. Спроведените промени ја зголемиле конкуренцијата, ја подобриле заштитата на корисниците и ја зајакнале безбедноста на плаќањата.

Величковски нагласува дека со усогласувањето со европските стандарди и пристапувањето кон СЕПА се овозможени побрзи и поевтини плаќања во евра, додека следниот чекор е воспоставувањето на нов систем за инстант плаќања, базиран на клонот на ТИПС, кој се развива во рамките на иницијативата на Европската централна банка за земјите од Западен Балкан.

Новиот систем ќе овозможи плаќања во денари во реално време, 24 часа дневно и седум дена во неделата, со што ќе се постават нови стандарди за брзина и достапност на платежните услуги. Истовремено, ќе создаде услови за регионално поврзување на платните системи и постепена интеграција со европската платежна инфраструктура, овозможувајќи побрзи и поефикасни прекугранични плаќања во евра.

Дополнително, новата инфраструктура ќе поттикне развој на иновативни решенија за иницирање плаќања преку мобилни апликации, ќе го олесни прифаќањето на плаќањата кај трговците и ќе овозможи побрзо располагање со средствата.

Вицегувернерот оценува дека постигнатите резултати се плод на заедничката работа на Народната банка, Министерството за финансии, банките и останатите даватели на платежни услуги, како и на континуираната координација меѓу сите засегнати институции. Според него, ваквиот партнерски пристап ќе остане основа за натамошната модернизација, европска интеграција и унапредување на платежните услуги во интерес на граѓаните и компаниите.