Култура

Претстава, документарец и симфониски концерт викендов на „Скопско лето“

03.07.2026 09:43

Фестивалот „Скопско лето“ продолжува со богата културна програма и овој викенд. Вечерва во Младинскиот културен центар премиерно ќе биде изведена претставата „Теорема, леме“, во режија на Мирко Радоњиќ, според делото на Пјер Паоло Пазолини...

Фестивалот „Скопско лето“ продолжува со богата културна програма и овој викенд. Вечерва во Младинскиот културен центар премиерно ќе биде изведена претставата „Теорема, леме“, во режија на Мирко Радоњиќ, според делото на Пјер Паоло Пазолини.

Во сабота во Музејот на Град Скопје ќе биде прикажан документарниот филм „Шуплевски – ехо низ времето“, посветен на едно од најзначајните музички семејства во Македонија, а влезот е бесплатен. Во недела во Сули ан ќе се одржи симфонискиот концерт „Поврзани преку звукот: трансформативната моќ на светската музика“, во изведба на ФЕЈМС Институтот под диригентство на виолинистката Русанда Панфили. На програмата ќе бидат изведени дела од Барток, Григ, Штраус, Пјацола, Ханс Зимер, Џон Вилијамс и Енио Мориконе.

Во текот на саботата и неделата, во Лабораториум ќе се одржи и дводневен тату-настан на „Етернити Тату Студио“, со презентации и тату-сесии во живо. За театарската претстава и симфонискиот концерт билетите се во продажба, додека за документарниот филм и тату-настанот влезот е слободен.

Фестивалот „Скопско лето“ и годинава нуди разновидна програма со содржини од театарската, музичката и современата уметничка сцена.