Народна банка

Цените на становите продолжуваат да растат – во вториот квартал повисоки за 13,3 отсто на годишно ниво

03.07.2026 21:08

Индексот на цените на становите во Скопје продолжува да бележи раст и во вториот квартал од 2026 година. Според најновите податоци на Народната банка, цените се повисоки за 13,3 проценти во однос на истиот период лани, а за 5,5 проценти во споредба со претходниот квартал.

Цените на становите во Скопје продолжија да растат и во вториот квартал од 2026 година, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Индексот на цените на становите достигна 210,03 индексни поени, што претставува годишен раст од 13,3 проценти во споредба со вториот квартал од 2025 година. Во однос на првиот квартал од годинава, цените се повисоки за 5,5 проценти.

Податоците покажуваат дека и покрај одредено забавување на годишната стапка на раст во споредба со почетокот на годината, трендот на поскапување на станбениот пазар продолжува. Во првиот квартал од 2026 година годишниот раст изнесуваше 16,6 проценти.

Годишниот индекс за 2025 година изнесувал 186,97 поени, што претставува раст од 22,4 проценти во однос на претходната година, додека најновите квартални податоци упатуваат дека цените и натаму се движат нагоре.

Според методологијата на Народната банка, индексот на цените на становите се изработува врз основа на податоци за огласени станови за продажба на територијата на градот Скопје и претставува еден од показателите за движењата на домашниот пазар на недвижности.