Осуда за нападот врз Киев, Зеленски повторно бара системи „Патриот“
Русија продолжува со нападите врз украинските региони, додека бројот на жртвите по масовниот удар врз Киев се зголемува. ООН ги осуди нападите врз цивилна инфраструктура, а Зеленски повторно побара итна испорака на системите „Патриот“ од западните сојузници.

Русија и изминатото деноноќие продолжи со нападите врз украински региони додека расте бројот на жртви по масовниот удар врз Киев. Москва тврди дека таргетирале исклучиво воени цели. Меѓународната заедница ги осуди руските дејствија.
„Секој напад врз цивили и цивилна инфраструктура, каде и да се случи, е јасно кршење на меѓународното хуманитарно право и мора веднаш да престане. Генералниот секретар го повторува својот апел за итна деескалација, што ќе доведе до целосен, моментален и безусловен прекин на огнот“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.
Претседателот Зеленски тврди дека Путин трпи сериозни загуби на бојното поле и се соочува со економски проблеми. Истовремено, повторно побара од западните сојузници итна испорака на ракетни системи „Патриот“.
„Нападот беше намерно испланиран од Русите за да се предизвика максимална штета. За жал, има недостаток на антибалистички системи, недостаток на „Патриот“, а нашите партнери – пред сè САД и нашите европски партнери – мора да бидат поактивни во помошта“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Брисел објави дека разгледува нови санкции за Русија. Кремљ пак, побара Европската Унија да ја разгледа наводната вмешаност на Украина во саботажата на гасоводите „Северен тек“ во 2022 година. Германските федерални обвинители подигнаа обвинение против поранешен офицер на украинската армија во врска со експлозиите.
„Сите земји од ЕУ треба да го земат предвид овој случај кога зборуваат за перспективите за членство на Украина во ЕУ, перспективите за приближување кон ЕУ и така натаму. И, секако, во оваа заднина, изгледа крајно парадоксално секој пат кога има вести дека истата Германија продолжува да издвојува пари за воената машинерија на режимот во Киев“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Војната во Украина, инвестициите во одбраната и одбранбената индустрија ќе бидат тема и на НАТО самитот на 7 и 8 јули во Анкара. Американскиот претседател Трамп упати жестоки критики до алијансата и побара од Европа да ја преземе водечката улога во сопствената одбрана. Во Берлин состанок на канцеларот Мерц со шефовите на држави и влади на трите балтички земји на во форматот Б3+1. Во контекст на самитот на НАТО, фокусот е ставен на прашањата за безбедносната и одбранбената политика, како и заедничката поддршка за Украина.
Маријана Димовска
