Голем пожар во Кисела Вода – густ чад и пукотници од магацински објект
Екипи на скопската Противпожарна бригада се на терен и интервенираат со повеќе противпожарни возила, а на местото е присутно и амбулантно возило. Поради полесен пристап до опожарениот објект, во тек е сечење на дел од околните дрвја.

Голем пожар избувна во магацински објект на Јужен булевар во скопската општина Кисела Вода, во близина на Пазарниот инспекторат и Рампа.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека од запалениот објект се слушале пукотници, кои, според првичните информации, најверојатно се предизвикани од електричната инсталација.
Густ црн чад се издига над местото на пожарот и е видлив од повеќе делови на градот. Екипи на скопската Противпожарна бригада се на терен и интервенираат со повеќе противпожарни возила, а на местото е присутно и амбулантно возило. Поради полесен пристап до опожарениот објект, во тек е сечење на дел од околните дрвја.
Мирис на изгорено се чувствува во поголем дел од населбата Кисела Вода. Засега нема информации за повредени лица, а причините за пожарот ќе бидат утврдени по неговото целосно локализирање.
