Јавно здравје

Зголемен ризик од болести што ги пренесуваат инсектите поради климатските промени

06.07.2026 14:11

Се зголемува опасноста од инфекции при убод од инсекти, не само во лето туку и во текот на целата година под влијание на климатските промени. Епидемиолозите смируваат, здравствените институции континуирано спроведуваат епидемиолошки надзор, им порачуваат на граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита.

Високите температури, обилните врнежи, благите зими и долгите топли сезони ја продолжат активноста на разни видови комарци, крлежи или мушички, зголемувајќи го периодот за пренесување на инфекциите како западно-нилска треска, денга, лајмска болест, конго-хеморагична треска, зика вирусот, па и, маларијата и чикунгуњата.

Инфектолозите тврдат, се создаваат услови за појава на инсекти онаму каде не е вообичаено да ги има. Иако не значи дека секој убод од комарец или крлеж претставува опасност, сепак многу е важно здравствените институции континуирано да спроведуваат епидемиолошки надзор, а граѓаните, вели за МТВ директорот на Инфективна клиника, Цана, основните мерки за лична заштита.

„Има причина за будност, превенцијата, раното препознавање и симптомите, навременото јавување кај лекар се според мене најдобра заштита, а здравствениот систем треба внимателно да ја следи состојбата и да е подготвен соодветно да реагира доколку се појават нови ризици или предизвици“, вели директорот на Клиника за инфективни болести, д-р Фадил Цана.

Епидемиологот Даниловски уверува дека климатските промени влијаат на условите за појава, опстанок и ширење на заразните болести, но дека нема простор за паника и страв бидејќи тие не ја создаваат болеста, туку само ја пренесуваат.

„Не значи дека секоја потопла година автоматски ќе донесе повеќе заболени. Бројот на случаи зависи од истовременото дејство на повеќе фактори: температурата, врнежите, бројноста на комарците, присуството на инфицирани птици, човечката изложеност и ефикасноста на мерките за контрола на векторите. Затоа, прогнозите мора да бидат претпазливи и да се темелат на систематски надзор, а не на поединечни временски појави“, напиша на Фејсбук, д-р Драган Даниловски.

Во Македонија некои од овие заболувања не се ендемски. Случаите што повремено се регистрираат речиси секогаш се поврзани со патување во земји каде тие се широко распространети. Токму затоа, тие претставуваат добар пример како глобализацијата, патувањата и климатските промени постепено ги менуваат границите на јавно-здравствениот ризик.

Фиљана Кока