РКЕ

Повисока цена на горивата од полноќ – дизелот поскапува за 2,5, бензините за 1 денар

06.07.2026 13:14

Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за цените на нафтените деривати, со која од ноќеска на полноќ во просек се зголемуваат за 1,47 проценти. Најголемо поскапување има кај дизелот, кој ќе биде поскап за 2,5 денари по литар.

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,47 проценти во однос на претходната одлука.

Според одлуката, цената на дизелот се зголемува за 2,50 денари по литар и ќе изнесува 82,50 денари. Бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 поскапуваат за по еден денар и ќе се продаваат по 85,50, односно 87,50 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство поскапува за два денари и ќе чини 81,50 денари за литар, додека мазутот поевтинува за 0,265 денари за килограм и ќе се продава по цена од 41,230 денари.

Од Регулаторната комисија појаснуваат дека корекцијата на цените е резултат на повисоките референтни цени на светските пазари и промените на курсот на денарот во однос на американскиот долар.