Се бомбардираат нафтени објекти кои се главен извор на приходи на џихадистите
Се уште ги анализираме резултатите од акцијата, но првичните информации велат дека е успешна, соопшти претставник на американската војска...

Трет ден по ред продолжуваат жестоките напади на САД и партнерите на цели на Исламската држава во Сирија. Најмалку единаесет џихадисти и пет цивили загинале за време на бомбардирањата, јавува Би- Би- Си.
Во дванаесет напади сојузниците бомбардирале 13 нафтените објекти на истокот на Сирија, кои се главен извор на приходи на припадниците на Исламската држава. Се претпоставува дека џихадистите од нафтениот бизнис дневно заработуваат по два милиони долари, и на тој начин ги финасиираат борбите.
Се уште ги анализираме резултатите од акцијата, но првичните информации велат дека е успешна, соопшти претставник на американската војска. Британскиот премиер Камерон соопшти дека и неговата земја треба да им се приклучи на земјите кои се борат против ИДИЛ.
„Стравот не смее да не спречи да делуваме. Национален интерес е да го заштитиме нашиот народ. Затоа свикав седница на британскиот парламент в петок, за да добиеме одобрување за учество во меѓународните воздушни напади против Исламската држава. Тоа што го правиме е легално и нема да има британски војници во копнените борби“, изјави британскиот премиер Дејвид Камерон
За прв пат во нападите биле употребени борбените авиони Ф-22. Според медиумите цел на напад покрај нафтените резервоари се и командните структури на Исламската држава. Во меѓувреме илјадници луѓе ги напуштаат домовите поради заканите од џихадистите.Приливот на бегалци на Турската граница е се поголем. Досега 150 илјади луѓе ја минале границата. Лејла Расул е бегалец. Вели дека нејзиното село го презеле џихадистите. Успеала да побегне, а сосебе го земала само она што и е најпотребно.
„Сакам само Американците да ги поразат борците од ИДИЛ и ние да можеме да се вратиме дома“, вели Лејла Расул, бегалец.
И Белгиската Влада донесе одлука земјата да се вклучи во меѓународните воздушни операции, за таа цел ќе испрати шест борбени авиони Ф-16.
Марија Петковска
