Самит на НАТО
Започна самитот на НАТО во Анкара. На состанокот учествува и претседателката Сиљановска-Давкова со порака дека обединета и посилна Европа е проширувањето.

Во услови на зголемени тензии на Блискиот Исток и тековната војна во Украина, во Анкара се одржува НАТО самит. 32-те земји – членки на алијансата, дискутираат за инвестициите во одбраната, развојот на одбранбената индустрија и помошта за Киев. Генералниот секретар Руте, во рамки на дебатите за инвестициите, истакна дека Европа мора да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана, а алијансата повеќе не може да се потпира на САД за својата безбедност.
„Постои целосна посветеност на Соединетите Држави кон НАТО. Но, има едно и сè уште е до одреден степен едно очекување. Посветеноста е несомнена, НАТО е таму во интерес на САД за да спречи, на пример, нуклеарните подморници на Русија да завршат на бреговите на Соединетите Држави. САД, за да останат безбедни, треба да го обезбедат Атлантикот, Европа и Арктикот. Значи, постои целосна посветеност на НАТО. Но, постои и очекување. И очекувањето беше и е дека Европејците и Канаѓаните ќе ги изедначат своите трошоци со Соединетите Држави“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Македонската државна делегација во Анкара ја предводи претседателката Сиљановска-Давкова, а е придружувана од министрите за одбрана и за надворешни работи и надворешна трговија Мисајловски и Муцунски, како и од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал – мајор Лафчиски. Мотото „Посилна Европа, посилно НАТО“ е проширувањето, порака од македонската претседателка.
„Денеска сакам да кажам дека мотото посилна Европа, посилно НАТО по мое мислење е проширувањето, обединета Европа е посилна Европа. Но најсилна Европа е Европа која предводи во мир и демократија базирана на принципи и вредности. Тоа е мојата порака“, изјави Сиљановска – Давкова.
Претседателот на САД во Турција упати критики кон земјите-членки за одлуката да останат надвор од конфликтот со Иран. Трамп повтори дека САД треба да го контролираат Гренланд и нема да дозволи островот да биде загрозен од Русија и Кина. Премиерката на Данска, повтори дека Гренланд не е на продажба.
„Вчера го слушнав претседателот на САД и мислам дека ставот за жал е многу јасен по оваа тема. Гренланд, се разбира, не е на продажба. Се надеваме дека сите, вклучувајќи ги и сите сојузници, ќе го почитуваат правото на народот на Гренланд за самоопределување. Подготвени сме да го браниме секој сантиметар од НАТО, вклучително и нашата сопствена територија“, изјави Мете Фредериксен, премиерка на Данска.
Шефот на Белата Куќа вчера истакна дека војната меѓу Русија и Украина ќе биде решена наскоро. Зеленски пак, на маргините на самитот потпиша договори за беспилотни летала во момент кога бара лиценци од САД за производство на системи „Патриот“. Лидерите на земјите-членки на НАТО во Анкара денеска треба да усвојат завршна декларација, главно фокусирана на поддршката на Украина.
Маријана Димовска
