Економија

Славески на средба со експертите на ТАИЕКС: Независноста на Народната банка е клучна за економската стабилност

08.07.2026 19:08

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, се сретна со експертската мисија на ТАИЕКС, која престојува во земјава за оценување и зајакнување на независноста на централната банка. Во фокусот на разговорите беа институционалната независност, усогласувањето со европското законодавство и евроинтегративниот процес.

Независноста на централната банка е основен предуслов за стабилноста на цените, финансискиот систем и успешно спроведување на монетарната политика, било истакнато на средбата на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, со експертската мисија на ТАИЕКС, која престојува во Скопје на 7 и 8 јули.

На средбата, на која присуствувале и вицегувернерите Ана Митреска, Игор Величковски и Фадил Бајрами, со експертите од Централната банка на Холандија биле разгледани прашања поврзани со институционалната и финансиската независност на Народната банка, законската рамка, односите со Владата и Собранието, како и јавната перцепција за улогата на институцијата.

Посебен акцент бил ставен на усогласувањето на националното законодавство со правото на Европската Унија и на натамошното јакнење на институционалните гаранции во контекст на евроинтегративниот процес.

Од Народната банка посочуваат дека остануваат посветени на унапредување на транспарентноста и отчетноста, со цел дополнително зајакнување на довербата на јавноста и институциите.