Евроинтеграции

Кос: Македонија има место во ЕУ, може да биде таму до 2028 година, уставните измени остануваат неопходен чекор

08.07.2026 16:27

Македонија има свое место во Европската унија и тоа може да се случи до 2028-та година, но, уставните измени се неопходен чекор. Однапред не можат да се дадат гаранции. Ова е пораката што од Скопје ја испрати еврокомесарката за проширување, Марта Кос. Земјава доби пофалба и потврда за спроведувањето на реформите, за кои македонските власти велат дека не се само декларативна заложба, туку вистински се случуваат. Премиерот Мицкоски посочи, план б освен членство во ЕУ немаме, но, интеграцијата треба да се темели на вредности и јасни критериуми.

И покрај големиот реформски напредок, Македонија мора да ги направи уставните измени и да ги внесе Бугарите во преамбулата за да го продолжи патот кон Европската унија, истакна еврокомесарката за проширување Марта Кос. Таа информира дека и покрај тоа што во однос на реформите, во изминатава година и половина, направено е повеќе отколку во последните 15, уставните измени остануваат услов, а можност за добивање гаранции од Европската Унија нема. За Македонија има место во ЕУ и таа може да биде таму до 2028, рече Кос.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски ја реафирмираше црвената линија дека македонскиот идентитет нема да биде предмет на преговори и пазарења, како и дека за да се размислува во правец на уставните измени, потребни се претходни гаранции од страна на Европската унија.

Како резултат на извонредните достигнувања во реформската агенда, Македонија ќе добие и дополнителна прераспределба на средства од планот за раст. ќе покажеме дека можеме уште повеќе и уште подобро, истакна Мицкоски.

9 од потребните 10 чекори од реформската агенда со рок до средината на месецов, се исполнети. Под знак прашање останува 10-та точка за Изборниот законик, за која во моментов се преговара и потребен е консензус со опозицијата.

Марија Котовска