Киев и Европската унија започнаа нова иницијатива за зајакнување на воздушната одбрана
Европската унија и Украина отворија ново поглавје на патот кон европската интеграција. Во време кога војната не стивнува, Киев напредува во пристапните преговори и заедно со европските партнери, започнува нова иницијатива за зајакнување на воздушната одбрана.

Европската унија и Украина отворија нов круг преговори, како дел од процесот на земјата да се приклучи кон унијата. Новиот К 6 се однесува на надворешните односи и ги вклучува трговските и меѓународните политики, како и надворешната и безбедносната политика.
„Украина е во процес на трансформација која е исто толку длабока и под најтешките околности што можат да се замислат. Минатиот месец го отворивме К 1, што е списокот на обврски на Украина за реформи во независното судство, транспарентните јавни набавки и посилните заштитни мерки против корупцијата и организираниот криминал. Денес го отвораме Кластерот 6“, Марта Кос, комесар на еу за проширување.
„За нас, отворањето на Кластерот 6 е уште еден потсетник за значењето на заедничката надворешна безбедносна политика во денешниот свет, а Русија секогаш се одмаздува и секогаш се обидува да ја засени добрата вест за нашето пристапување со уште едно гранатирање што се случи синоќа со балистички ракети, така што во областа на заедничката надворешна безбедносна политика, единството е толку важно. И денес, гледам и други индикации дека Европа е обединета, Европа е обединета со Украина и сите заедно ќе победиме и ќе преовладаме“, Тарас Качка, заменик премиер на Украина.
Киев и европските партнери од коалицијата на подготвените стартуваа нова програма за антибалистички ракети „Фреја“, насочена кон затворање на празнините во воздушната одбрана на Украина и зајакнување на способноста на Европа да се спротивстави на заканите од балистички ракети.
„Сите ние заедно, Украина, Франција, Велика Британија, Германија, заедно со нашите други европски партнери, со Италија, норвешка, Данска, Шведска, Холандија, Шпанија, претставници на Европската унија и НАТО, почнавме програма за антибалистички ракети. Ова е антибалистички систем и може да стане еден од нашите заеднички и моќни придонеси за заштита на животот, за зајакнување на Европа, за глобалните капацитети и за спречување на конфликти. Сите ја гледате заканата што балистиката сега ја претставува во војната на Русија против Украина“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Украина веќе доби дозвола од САД за производство на „Патриот“. Ова беше договорено меѓу Зеленски и Трамп на самитот на НАТО во Анкара. На фронтот војната продолжува. Руските сили извршија напад со балистички ракети врз Киев, пожари избувнаа во неколку делови од украинската престолнина. Москва соопшти дека нападнала украински воени индустрии. Дел од Крим остана без струја по украински удар врз електроенергетската инфраструктура.
Катерина Бојаџиева
