Македонија ќе бара „вајлд-карта“ за Лигата на шампионите, обезбедени две места во Европската лига
Македонија обезбеди по две места во Европската лига и Европскиот куп на ЕХФ за сезоната 2027/28, додека за настап во Лигата на шампионите клубовите ќе треба да аплицираат за „вајлд-карта“.

Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја потврди распределбата на местата за машките европски клупски натпреварувања за сезоната 2027/28. Распределбата се базира на резултатите што клубовите од секоја национална федерација ги оствариле во последните три сезони (2023/24 - 2025/26).
Шпанија е на врвот на рангирањето за Лигата на шампионите на ЕХФ, Германија е лидер според коефициентот за Европската лига, додека Босна и Херцеговина е првопласирана во рангирањето за Европскиот куп на ЕХФ.
Во Европската лига на ЕХФ ќе настапат 36 екипи од 18 национални федерации. Двете најдобро рангирани федерации, Германија и Франција, ќе имаат по четири претставници, додека Португалија, Данска и Шведска ќе располагаат со по три места.
Македонија ќе има две места во Европската лига, што претставува позитивна вест за македонскиот ракомет. Исто така, за сезоната 2027/28 македонските клубови ќе имаат две загарантирани места и во Европскиот куп на ЕХФ.
Од друга страна, за настап во Лигата на шампионите нема директно загарантирано место. Македонските клубови кои ќе сакаат да играат во елитното европско натпреварување ќе мора да поднесат апликација за добивање „вајлд-карта“, а конечната одлука ќе ја донесе Европската ракометна федерација.
