Куманово

Кумановски села трет ден без струја

23.07.2026 18:57

Кумановски села трет ден се без електрична енергија. Жители оставени без струја, но и без вода. Екипи на ЕВН на терен, но околу сто нисконапонски трафостаници се без напојување. Метеоролозите најавуваат невреме и за утре …

Веќе три дена села од кумановско се без електрична енергија. Невремето предизвика сериозни штети. Освен без струја, дел од жителите, немаат ниту вода. Се снаоѓаат како што умеат. Оштетени се куќи, викендици, амбари, машини. Петровски за среќа спасил глава.

„Јас бев во шталата падна од горе јас мислев гром, оно дрво, паднаа ќерамиди, во другата штала падна друго дрво. Млинот е оштетен, земјоделски алатки и објектите, амбар, помошна просторија, штала, друга, овде гаражите се е оштетено речиси 100 посто“, укажа жител.

„Три дена и без струја и без вода, нема на хидрофори, јас носам од овде од пумпа и за пиење, од нива, навечер на свеќа“, дополни друг жител.

„Страшно ли беше невремето, сила што да ти зборувам многу има тополи паднати, горе има дрвја, има и куќа, тргавме за да може да излезе од врата човек“, нагласи трет жител.

Екипите на електродистрибуција на терен. Но оштетувањата се големи. Без напон останаа над 2.300 трафостаници. Во моментов не работат стотина. Паднатата вегетација ја отежнува работата. Но она што загрижува е најавата за утре. Повторно нестабилно време. Пензионираниот метеоролог Сектирарски сепак смирува, интензитетот ќе биде послаб. Но потенцира да бидеме подготвени на екстремни процеси и во идниот период.

„Невремето кое го имавме сега може да се случи и во следниот период во ова лето, но она што нас не опушта и не тера на некој начин да сме невнимателни е тоа што ваков тип на невреме обично ќе кажеме дека се случува еднаш во десет години. Климата станува поекстремна, поекстремни се појавите, особено во летниот период. А во петок за жал ќе го зафати и целиот Балкан и значително ќе ги спушти температурите, ќе донесе поројни врнежи проследени со грмежи, понекаде во вид на невреме и овој пат ќе ја зафати и западна Македонија“, истакна метеорологот Борис Секирарски.

Жителите продолжуваат да ги пријавуваат штетите. На општинскиот број бележат до сто повици дневно.

 

Елена Георгиевска