„Макбрас“ ќе ја претставува Македонија на Светскиот фестивал за тромбон во Латвија

24.07.2026 13:12

Квартетот тромбони „Макбрас“ годинава ќе ја претставува Република Македонија на 55. издание на International Trombone Festival (ITF), кое ќе се одржи во Рига, Латвија од 29 јули до 1 август.

Квартетот тромбони „Макбрас“ годинава ќе ја претставува Република Македонија на 55. издание на International Trombone Festival (ITF), кое ќе се одржи во Рига, Латвија од 29 јули до 1 август. International Trombone Festival претставува најголемиот, најреномираниот и најпочитуваниот светски фестивал посветен на тромбонот, на кој секоја година настапуваат врвни солисти, ансамбли, професори и уметници од сите континенти. Фестивалот се одржува од 1971 година, секоја година во различна држава - домаќин.

-Ова учество претставува историски успех, бидејќи за првпат во историјата на фестивалот, Македонија ќе има свои претставници, односно квартет тромбони составен од македонски музичари. Дополнително, оваа година, квартетот тромбони Макбрас прославува 10 години активно музицирање на домашната и меѓународната сцена, одржувајќи ја во живот традицијата на музицирање во ваква формација која започнува уште од формирањето на квартетот тромбони Рибарски во 1970тите години (можеби првиот ваков состав во тогашна Југославија) и квартетот тромбони на Македонската опера и балет во 2000тите години. Членови на квартетот тромбони Макбрас се: Бранко Илиевски, Никола Ристевски, Виктор Богоевски и Александар Ниниќ, велат од „Макбрас“.

Нашето учество, додаваат, беше одобрено по успешна селекција, врз основа на аудио-снимка од композицијата „Вулканска суита“, дело на композиторите Блажен Настевски (Македонија) и Хектор  Муњоз (Гран Канарија), специјално создадено за квартет тромбони и посветено на нашиот ансамбл. Композицијата својата премиерна изведба и прво аудио-снимање ги доживеа на Канарските Острови, а токму со ова дело ќе се претставиме пред меѓународната тромбонистичка публика во Рига.

-Покрај изведбата на „Вулканска суита“, програмата ќе содржи и дела од македонски автори, со што ќе имаме чест преку музиката да ја претставиме богатата македонска култура, традиција и современо музичко творештво пред меѓународната публика. Ова гостување претставува значајна можност за афирмација на македонската музичка уметност на највисоко светско ниво, но и потврда дека македонските музичари можат рамноправно да бидат дел од најреномираната светска сцена, потенцираат од „Макбрас“.

Прецизираат дека патувањето и учеството на фестивалот во најголем дел ќе бидат реализирани со сопствени средства на членовите на ансамблот, со значајна поддршка од Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

-Дополнително, во наредниот период ќе организираме неколку концертни настапи во Скопје, преку кои ќе се обидеме да обезбедиме дел од средствата потребни за реализација на ова значајно претставување на Македонија. Веруваме дека овој успех не е само признание за нашата асоцијација, туку и за македонската музичка сцена во целина. Затоа искрено се надеваме дека јавноста, институциите, медиумите и љубителите на уметноста ќе ја препознаат важноста на ова претставување и ќе ни дадат поддршка во нашата мисија достојно да ја претставиме Македонија на најголемиот светски фестивал за тромбонот, порачуваат од „Макбрас“. 

МИА