Гостивар

Водата под лупа, храната под ризик

25.07.2026 17:02

Епидемијата го промени секојдневието во Гостивар. Пазарите не работат, продажбата на свежа храна е ограничена, а граѓаните сè уште чекаат чиста вода. Додека истрагата трае, министерот признава дека првите предупредувања доцнеле неколку дена. Ветува дека ќе има одговорност…

Вторник во Гостивар отсекогаш бил пазарен ден. Ден кога уште од рано наутро се полнат тезгите со свежо овошје и зеленчук, а градот оживува. Некој дошол да се снабди за цела недела, некој да се сретне со познаници, да размени муабет и да испие кафе по пазарувањето. Но по случувањата со загадената вода, навиките на гостиварци се променија. Денес пазарот не работи, граѓаните намирниците ги купуваат од пиљарите и маркетите. Велат дека повеќе не купуваат набрзина а овошјето и зеленчукот темелно го мијат, а дел од нив и лупат пред да го стават на трпеза.

Дел од гостиварци и понатаму остануваат верни на пазарот. Велат дека таму купуваат со години и не планираат да ги менуваат навиките.

Додека купувачите се претпазливи земјоделците, тврдат дека производството не е загрозено.

Продавачите велат дека купувачите се повнимателни од порано и почесто се интересираат за потеклото на производот. Сепак додаваат дека храната мора да се купува и дека засега не забележуваат поголем пад на продажбата.

По кризата со водата довербата тешко се враќа. Граѓаните велат дека се внимателни каде и каква храна купуваат. Сепак цените на производите на овошјето и на зеленчукот се исти како и пред кризата со водата.

Во Гостивар денес покрај цената и квалитетот, граѓаните велат дека најважно им е едно – храната што ја носат дома да биде безбедна за нивните семејства.

 

Ана Јосифоска