Инфективна клиника

Расте бројот на заразени со западнонилска треска, потврдени осум случаи

28.07.2026 20:47

76-годишен скопјанец заразен со западнонилска треска е во тешка здравствена состојба и е на респираторна поддршка, хоспитализиран на Инфективна. На клиниката се лекуваат уште петмина други, додека за тројца се чека лабораториска потврда – сите имаат воспаление на мозокот. Западнонилската треска се пренесува со убод од заразен комарец, а инкубацијата може да трае до 14 дена.

76-годишен скопјанец заразен со западнонилска треска е во тешка здравствена состојба и е на респираторна поддршка, хоспитализиран на Инфективна. На клиниката се лекуваат уште петмина други, додека за тројца се чека лабораториска потврда – сите имаат воспаление на мозокот.

Според директорот на клиниката, доктор Фадил Цана, во епидемиолошката анкета само двајца од заболените изјавиле дека патувале во Грција, а преостанатите не пријавиле престој во друга држава. Заболените се постари од 60 години.

„Кај некои од пациентите клиничката слика е лесна дури има и асимптоматски облик на болеста, најтешката форма е неуроинвазивна како што е кај овие пациенти, тоа е еден посто од сите случаи, но за жал во нашата држава веќе се зачестуваат“, вели д-р Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести.

Западнонилската треска се пренесува со убод од заразен комарец, а инкубацијата може да трае до 14 дена. Кај околу 80 проценти од заразените болеста поминува без симптоми, но кај 20 проценти може да развие сериозни компликации.

Заразените се од Скопје и од Велес. Здравствениот инспекторат констатирал дека најголем дел од општините ја спровеле планираната дезинсекција. Извршена е и дополнителна.

„Постапено е епидемиолошки, кај седум од случаите извршена е дополнителна дезинсекција во радиус од 200 метри од нивното живеалиште што е стандардна епидемиолошка постапка, еден одбил да се изврши во неговиот круг“, изјави министерот за здравство, Сашо Клековски.

Здравствените власти апелираат граѓаните да се заштитат од убоди од комарци и да избегнуваат престој во близина до застојани води. Во последните 15 години, во земјава се регистрирани пет смртни случаи од западнонилска треска.

Надлежните велат дека ја следат епидемиолошката состојба. Случаи на западнонилска треска веќе се регистрирани во повеќе земји од регионот, што ја нагласува важноста од навремена дијагностика, епидемиолошки надзор и превентивни мерки.

После две години, во земјава детектирани се 4 случаи на маларија, три случаи на денга и еден случај на зика-вирусот. Сите се поврзани со патувања во Африка и во делови на Индиски океан.

Андријана Ѓурческа