САД повторно го нападнаа Иран

30.07.2026 09:53

Се зголемува опасноста дека повеќе земји од регионот на Блискиот Исток би можеле да бидат вовлечени во конфликт. САД извршија нов бран одмазднички напади врз цели во Иран.

По неколку дена релативен мир, разгорувањето на конфликтот на повеќе фронтови на Блискиот Исток го зголеми ризикот од враќање кон тотална војна. САД извршија нов бран напади врз цели на Корпусот на Исламската револуционерна гарда како одмазда за иранското таргетирање на американските бази во Јордан и бродовите во Ормускиот теснец. Ескалацијата следува еден ден откако Вашингтон и Ријад таргетираа ирански посредници во Ирак, а беспилотни летала предизвикаа пожари на два брода во египетско пристаниште.

„Ќе ги погодиме многу силно бидејќи е наш ред. Тие знаат дека тоа следува. Тие знаат дека тоа доаѓа. Не замолуваат да не го правиме тоа. Значи, наш ред е и ќе видиме дали ќе постигнеме договор во одреден момент. Но, ќе ги погодиме многу силно“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Воените дејствија во Ирак и во Египет ги зголемија стравувањето дека повеќе земји од регионот би можеле да бидат вовлечени во конфликтот. Обединетите нации ги повикаа сите страни да престанат со борбите и повторно да се вратат на дипломатските разговори.

„Генералниот секретар веќе некое време е загрижен дека ако страните не се вратат на преговорите, може да има проширување на конфликтот, и тоа се чини дека се случува во последните часови. Тој веќе јасно ги искажа своите загрижености за какви било обновени борби и каква било ескалација и проширување на конфликтот“, истакна Фархан Хак, заменик-портпарол на ООН.

Хутите поврзани со Иран во Јемен изминатата недела прогласија поморска блокада на Саудиска Арабија. Ормускиот теснец останува затворен. Од иранското МНР го отфрлија предлогот на Оман за заедничко управување со бродскиот сообраќај низ клучниот воден пат.

„Им кажавме на нашите пријатели од Оман дека оваа 60-годишна рута повеќе не е прифатлива за Исламската Република Иран, бидејќи и влезната и излезната лента лежат во територијалните води на Оман. Но, предлогот според кој едната рута би била на наша страна, а другата на страната на Оман, не ги решава нашите загрижености за националната безбедност. Треба да имаме доволен надзор сè додека не бидеме сигурни дека е воспоставен траен мир во регионот и дека Исламската Република Иран повеќе не е загрозена преку Ормускиот теснец“, изјави Казем Гарибабади, заменик-министер за надворешни работи на Иран.

Војната и натаму ги тресе светските пазари. Цената на нафтата бележи раст на берзите по обновување на непријателствата и неизвесноста на транзитот низ клучните рути за снабдување на регионот на Европа и Азија.

Маријана Димовска