Пратенички прашања
Жестока седница за пратенички прашања во законодавниот дом. Кавги и навреди. Половина ден народните избраници се докажуваа кој не го почитува Деловникот...

Одговорноста за загадената вода во дел од општините, лидерот на СДСМ Венко Филипче ја лоцира кај македонскиот премиер Хриситијан Мицкоски. Филипче, со критика и за економската состојба во земјава. Тврди дека Македонија е последна во Европа според стандардот и примањата.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски пак одговори дека бруто-домашниот производ, во последните две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ е зголемен за 160 милиони долари, споредбено со времето на владеењето на СДСМ. Во однос на загадената вода во Гостивар, премиерот најави дека гостиварчани за неколку денови ќе имаат чиста вода за пиење, а одговорните ќе бидат изнесени пред лицето на правдата.
На седницата за пратенички прашања, тензична атмосфера и вжештена реторика. Пратеничката од Алијанса за Албанците, Илире Даути, одби да ја напушти собраниската говорница, со барање за одговор од премиерот Мицкоски на пратеничкото прашање поставено на претходната седница, а поврзано со Законот за правична застапеност. Се закани дека доколку не добие усмен одговор, нема да дозволи да продолжи седницата. Собранискиот спикер Гаши побара да заседава и Комисијата за деловничко-имунитетни прашања. Поради серијата процедурални забелешки, даде пауза.
Од први август пратениците се на годишен одмор. Остануваат неколку недовршени пленарки, но и неизгласани закони. Еден од клучните е и Изборниот законик.
Марија Котовска
