Тошковски: Петкратно зголемена ефикасноста во постапувањето по случаи на семејно насилство
Денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, го посети Одделението за семејно насилство при СВР Скопје, каде непосредно се запозна со нивната секојдневна работа, предизвиците со кои се соочуваат и резултатите што ги постигнуваат...

Денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, го посети Одделението за семејно насилство при СВР Скопје, каде непосредно се запозна со нивната секојдневна работа, предизвиците со кои се соочуваат и резултатите што ги постигнуваат.
Во периодот од 2022 до 2026 година евидентирани се вкупно 1.275 пријавени настани на семејно насилство, и тоа: 326 во 2022 година, 216 во 2023 година, по 273 во 2024 и 2025 година и 187 во 2026 година, заклучно со денес.
Податоците покажуваат и значително унапредување на ефикасноста во постапувањето. Во 2022 година по брза постапка биле процесуирани 10 случаи и изречени четири мерки на претпазливост, во 2023 година 18 случаи и седум мерки, во 2024 година 25 случаи и 11 мерки, во 2025 година 34 случаи и 15 мерки, а во 2026 година, заклучно со денес, процесуирани се 52 случаи и изречени се 23 мерки на претпазливост.
Во споредба со 2022 година, бројот на случаи процесуирани по брза постапка и изречени мерки на претпазливост е зголемен за повеќе од пет пати, што укажува на побрза, поорганизирана и поодлучна институционална реакција.
Министерот Тошковски истакна дека семејното насилство се третира со највисок степен на сериозност и дека приоритет останува обезбедувањето навремена заштита за секоја жртва, како и брза и решителна реакција кон сторителите.
