Вториот пензиски столб е стабилен
Просечната пензиска основица на корисниците од вториот пензиски столб изнесува околу 38.800 денари. До 30 јуни годинава правот на користење го оствариле 147 лица. Пензиските друштва велат дека национализацијата не е решение. Владата анализира во која насока ќе се движат реформите, а министерката за финансии за МТВ посочи, најверојатно на доброволна основа ќе овозможи зголемување на границата на пензионирање.

Вкупно 147 лица во земјава остваруваат исплата на пензија од вториот пензиски столб заклучно со 30-ти јуни годинава. Според податоците на МАПАС на овие корисници им се исплатени 1.452.089 денари. Просечната нето износ по корисник изнесува 99.878 денари. Просечниот пензиски стаж на корисниците изнесува 22 години, додека просечната основица е 38.880 денари.
Најголемиот дел од корисниците се лица кај кои средствата се на минималниот пензиски износ. Во ова категорија се опфатени 113 лица односно 77 насто од вкупниот број корисници. Од Асоцијацијата на друштва за пензиски фондови велат дека средставата од вториот столб се личен имот кој е наследен.
Се прават анализи дали има потреба од поместување на границата на пензионирање во земјава. Демографската структура вели дека се намалува бројот на работоспособното население, а се зголемува на пензионери. Според министерката Кочоска треба да се остави секој индивидуално да одлучи.
Анализата покажува дека една од основните карактеристики на капитално финансираното пензиско осигурување е дека подолгиот период на членство овозможува акумулирање на поголем износ на средства на индивидуалната сметка и подолг период за оплодување. Тоа велат од МАПАС се должи на континуираните уплати на придонеси, остварените приноси од инвестирањето и нивната понатамошна капитализација, што придонесува за постепен раст на средствата во текот на периодот на членство.
Александра Велинова
