ЧЕСТВУВАЊА ВО СКОПЈЕ, ПЕЛИНЦЕ И ВО КРУШЕВО

Утре се одбележуваат 123 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 82 години од првото заседание на АСНОМ

01.08.2026 10:37

Во Крушево пристигнаа околу 140 илинденски коњаници. Традиционалното отворање на манифестацијата е вечер на Гумење, а централната манифестација ќе се одржи на Мечкин Камен.

Сè е подготвено за утрешното одбележување на 123 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 82 години од првото заседание на АСНОМ, двата клучни столба на македонската државност.

Во Крушево пристигнаа околу 140 илинденски коњаници. Традиционалното отворање на манифестацијата е вечер на Гумење, а централната манифестација ќе се одржи на Мечкин Камен, каде што ќе говори собранискиот потпретседател Антонијо Милошоски.

Чествувања ќе се одржат и во Скопје и на Пелице. Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова ќе положи цвеќе пред споменикот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев пред Собранието, на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена борец“ и на споменикот на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто на плоштадот „Македонија“, каде што и ќе се обрати пред присутните.

Премиерот Мицкоски ќе биде на Пелинце, на одбележувањето на 82-годишнината од првото заседание на АСНОМ.