Ќе се реконструира Студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола
Нови подобри услови за студентите во студентските домови. Реконструкцијата на студентскиот дом „Кочо Рацин во Битола треба да започне кон крајот на оваа или почетокот на идната година. Во тек е конкурсот за сместување кој трае до 31-ви јули.

Во тек е конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови. Студенскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола располага со 385 легла, од кои 308 за студенти од втора до четврта година. Согласно процесот на инклузија создадени се услови за 12 студенти со посебни потреби. Во однос на исхраната, функционира мензата со топол оброк за ручек и вечера.
Кон крајот на оваа или почетокот на следната година, од Владата најавија реконструкција на овој студентски дом во вредност од над 5.600.000 евра. Проектот е во административна фаза, потребен е поинаков пристап затоа што станува збор за објект стар околу 130 години.
И покрај најавената реконструкција, изминатата година извршени се одредени интервенции во павилјон А и Б, поставен е нов ламинатски под на околу 66 соби, извршени се интервенции во санитарните простории, дополнително осветлување во дворот и ставен е во функција целиот видеонадзор.
Со оглед на тоа дека бројот на студенти во државава генерално се намалува, интересот за сместување во битолскиот студентски дом се зголемува. Лани биле сместени 315 студенти или нешто повеќе од 80 проценти од вкупниот капацитет.
Александра Максимовска
