Кризна состојба поради опасност од пожари

Ангелов: Состојбата со пожарите е стабилна

01.08.2026 13:17

Од денеска, 30-дневна кризна состојба во целата држава, поради зголемената опасност од пожари. Целта е навремено, координирано и ефикасно справување со ситуацијата на терен и максимално мобилизирање на расположливите капацитети. Од Дирекцијата за заштита и спасување, апел до граѓаните да бидат внимателни.

Владата прогласи кризна состојба на целата територија на Македонија во траење од 30 дена поради зголемениот ризик од пожари на отворено и шумски пожари. Целта е координирано ангажирање на сите расположливи институционални капацитети за заштита на населението, имотот и природните ресурси.

Со одлуката се активира Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој има задача да изготви акциски план за превенција и справување со пожарите, да направи преглед на човечките и материјално-техничките ресурси и да подготви план за координирано дејствување на надлежните институции.

Состојбата со пожарите генерално е стабилна, оценува раководителот на Кризниот штаб и директор на ДЗС, Стојанче Ангелов. Пожарот кој од струшката депонија се прошири на вегетација повторно е активен, а во гаснењето ќе се интервенира со два ер-трактори.

Владата ги задолжи сите органи на државната управа да постапуваат согласно прописите за управување со кризи и целосно да ги стават своите капацитети на располагање за интервенции на терен.

Александра Велинова