Пофалби и критики за Охрид

01.08.2026 13:40

Продолжениот илинденски празничен викенд го преполни Охрид. Илјадници домашни и странски туристи уживаат во убавините на градот. Гостите имаат и пофалби и критики.

Раздвижени улици, преполни плажи, долги колони возила и илјадници туристи. Продолжениот илинденски празничен викенд традиционално го стави Охрид во центарот на туристичките случувања. Дел од посетителите за првпат го откриваат градот, други повторно му се враќаат, но сите заминуваат со свои впечатоци.

„Да, првпат сме во Македонија. Многу е убаво. Пристигнавме вчера, но прекрасно си поминуваме.“

„Јас сум од Австралија, но со македонско потекло. Татко ми е од Битола. Не сум бил тука 35 години. Навистина е прекрасно.“

„Првпат сум во Охрид. Многу ми се допаѓа. Подобар ми е од Битола. Има убав ноќен живот, добро кафе, добра храна … Навистина е убаво.“

„Доаѓаме од Чешка и ова ни е прва посета. Многу ни се допаѓа. Прекрасни се историјата и езерото. Доаѓаме од едно мало село. Баравме место кое не е преполно со туристи и каде што цените се попристапни, па затоа ја избравме Македонија. Дојдовме со автомобил, патувавме околу 1.400 километри.“

„Многу ми се допаѓа. Природата е прекрасна, времето, езерото, храната, луѓето … Сè е одлично.“

„Прекрасно е. Тука сме два дена и навистина уживаме. Најмногу ми се допаѓаат езерото и атмосферата“-велат туристите кои ги анкетиравме.

Првиот впечаток, што најчесто ги остава туристите без зборови е синилото и бисерната вода на Охридското Езеро.

„Секако, најмногу ги импресионира големината на езерото. Првата слика кога ќе го видат езерото, колку е големо, е неочекувана за нивните очи и речиси сите велат: „Ова е како море“. Не очекуваат дека е толку големо, кога ќе го видат на самото место, тоа навистина ги воодушевува“, вели Даниела Сакова, туристички водич.

Туристите најчесто ја критикуваат инфраструктурата, пристапот до градот и дивите депонии.

„Оние што доаѓаат со возила, автобуси или автомобили, прво се жалат на приодот кон градот. Се жалат и на квалитетот на хотелите. Има хотели кои се декларираат со повеќе ѕвезди, а реално не ги исполнуваат тие стандарди“, изјави Асим Челик, туристички работник.

Според експертите иднината на туристичката дестинација треба да се темели на квалитетот на понудата и економскиот ефект што го оставаат туристите.

„Мора да одиме кон унапредување на туристичката понуда. Многу поважно е да не ги броиме туристите, туку да ја броиме потрошувачката, што значи подолг престој и поголема потрошувачка“, нагласува Сашо Коруноски, професор по туризам.

Туристите деновиве уживаат во убавините на Охрид, но нивните забелешки се потсетник дека секоја успешна туристичка сезона е можност да се подобри она што недостига.

Соња Рилковска