Центарот за безбедност на вода во Охрид ова лето со полни раце работа
Центарот за безбедност на вода во Охрид ова лето со полни раце работа. Спасени 21 давеник укажани над 500 интервенции на прва помош. Во екот на туристичката сезона, на 12 капалишта долж охридското крајбрежје се ангажирани 14 спасители кои секојдневно се грижат за безбедноста на капачите...

Центарот за безбедност на вода во Охрид ова лето со полни раце работа. Извлечени се 21 давеници, а укажани се над 500 интервенции. Дневно спасителите на вода имаат десетици укажувања на прва помош.
Најголем дел се топлотни удари, водени шокови, посекотини, повреди, убоди од инсекти и лица под дејство на алкохол, особено на плажите каде што се организираат забави.
„Најголем број интервенции имаме на плажите во Градиште, каде што има посекотини, посериозни повреди, но и лица под дејство на алкохол. Треба да се почитуваат правилата на плажите, да не се капе под дејство на алкохол и да се следат упатствата на спасителите. Апелирам до сите кои ќе го посетат Охрид да ги почитуваат правилата и безбедносните мерки на капалиштата. Безбедноста започнува од самите нас. Доколку посетителите се однесуваат одговорно, спасителите се тука да ги насочат, да ги предупредат и да им помогнат кога тоа ќе биде потребно“, изјави – Арсениј Ѓоршески од Центар за безбедност на вода.
Покрај спасителите на плажите, Центарот за безбедност на вода располага и со два спасувачки чамци, како и лекарски тим, доктор и две медицински сестри, кои интервенираат кога е потребно и на вода. Граѓаните велат секој треба да се однесува одговорно.
Во екот на туристичката сезона, на 12 капалишта долж охридското крајбрежје се ангажирани 14 спасители кои секојдневно се грижат за безбедноста на капачите, но на голем дел од плажите не се исполнети безбедносните стандарди.
Соња Рилковска
