Нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за цените на горивата, со која од ноќеска на полноќ бензините ќе поевтинат за два денари по литар, додека дизелот ќе поскапи за еден денар.

Од ноќеска на полноќ стапуваат во сила новите новите малопродажни цени на нафтените деривати. Во просек, цените на горивата се намалуваат за 1,24 проценти во однос на претходната одлука, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.
Според новата одлука, бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава за 91 денар за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 за 93 денари, што претставува намалување од 2 денари по литар.
Од друга страна, цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС се зголемува за 1 денар и ќе изнесува 99,5 денари за литар, додека екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поскапува за 0,5 денари и ќе се продава по 98,5 денари за литар. Цената на мазутот се намалува за 1,680 денари за килограм и ќе изнесува 46,419 денари.
Од РКЕ посочуваат дека во пресметката се земени предвид движењата на референтните цени на светските пазари, како и курсот на денарот во однос на американскиот долар. Воедно, потсетуваат дека утврдените износи се максимални малопродажни цени, а трговците можат да продаваат и по пониски цени.
