МВР со превентивни акции низ државата
Полицијата денеска спроведе превентивни активности во повеќе градови низ земјава, насочени кон поголема безбедност во сообраќајот и спречување на пожари. На возачите им беше укажано на важноста од технички исправни возила и почитување на сообраќајните правила, додека граѓаните и земјоделците беа повикани на одговорно однесување за да се спречат пожари.
Полициски службеници денеска реализираа превентивни активности во повеќе градови низ државата со цел унапредување на безбедноста во сообраќајот и спречување на пожари.
Во Кавадарци, активноста се одржа под мотото „Возете безбедно со технички исправно возило“, при што на возачите им беше укажано дека редовното одржување и техничката исправност на возилата се клучни за безбедно учество во сообраќајот.
Во Скопје, Берово и Штип, полицијата ги потсети возачите на обврската за почитување на сообраќајните правила, со посебен акцент на мотоциклистите, велосипедистите и корисниците на електрични тротинети. Притоа беше истакната важноста од носење заштитен шлем, а беше поделен и едукативен материјал изработен во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност.
Истовремено, во Македонски Брод и Пласница беа спроведени активности за превенција од пожари. Полициските службеници ги повикаа граѓаните да не палат оган на отворено, да не фрлаат отпушоци од цигари и секој забележан пожар веднаш да го пријават на бројот 112.
На земјоделците им беше укажано да избегнуваат палење меѓи, стрништа и сува трева, бидејќи предизвикувањето пожари претставува кривично дело и е законски казниво. Воедно, беше потсетено дека забраната за движење во шумите останува во сила до 31 август 2026 година.
