Култура

„Последна роза на летото“ вечерва на „Охридско лето“

09.08.2026 10:44

Со концертот „Последна роза на летото“ вечерва во црквата „Света Софија“ ќе се одржи 19. Вечер на Европската унија во рамки на фестивалот „Охридско лето“. Пред публиката ќе настапат тројца реномирани музичари од Ирска и Унгарија.

Со наслов „Последна роза на летото“, вечерва во рамки на фестивалот „Охридско лето“ ќе се одржи традиционалната Вечер на Европската унија.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот. Пред фестивалската публика ќе настапат ирскиот виолинист Дејвид Тобин, пијанистот Фингин Колинс, исто така од Ирска, и унгарско-ирската флејтистка Јохана Кезеи.

На програмата се Соната за виолина и пијано e-moll оп. 82 од Едвард Елгар, Соната „Ундине“ за виолина и пијано од Карл Рајнеке, како и Ноктурно бр. 18 „Пладне“ за соло пијано од ирскиот композитор Џон Филд.

Ќе бидат изведени и Арија на Ленски од операта „Евгениј Онегин“ за флејта и пијано од Петар Илич Чајковски, како и Фантазија и варијации на тема „Последна роза на летото“ за виолина и пијано од композиторот Вилијам Винсент Волас.

Вечерта на Европската унија по 19-ти пат се организира во рамки на „Охридско лето“, со поддршка на Делегацијата на Европската унија во земјава.