Над 100 загинати
Над 100 загинати, многу повредени, а над 2.700 се засега пријавени за исчезнати по катастрофалниот земјотрес од 7.4 степени по Рихтер што ја погоди Колумбија...

Повеќе од 100 луѓе го загубија животот, уште толку се повредени, а над 2.700 се пријавени за исчезнати по катастрофалниот земјотрес од 7.4 степени по Рихтер што ја погоди Колумбија. Се стравува дека бројката и натаму ќе расте додека спасувачките тимови и семејствата неуморно трагаат под урнатините низ десетици градови низ земјата.
„Наидовме на некој што викаше помош, за жал, операцијата за спасување траеше долго, кога го извлекоа тој веќе беше мртов. Но, пред само некој момент, рано утрово извлечено е живо девојче“, изјави Хозе Луис Лозано, локален жител.
Властите прогласија вонредна состојба. Претседателот соопшти дека приоритет е спасувањето на луѓето кои останале заробени под урнатините.
„Сите министри и службеници од единицата и другите агенции се состанаа за да ја одобрат оваа декларација за вонредна состојба, која ќе ни овозможи соодветно да се справиме со оваа природна катастрофа. Првото нешто е спасувањето на луѓето заробени под урнатините. Ова е приоритет, да се спасат луѓето заробени под урнатините“, изјави Абелардо де ла Есприела, претседател на Колумбија.
Епицентарот на земјотресот бил во близина на Сан Хозе дел Палмар, на околу 400 километри западно од Богота. Опустоши повеќе градови, меѓу кои Переира, Кибдо, Кали и Манизалес. Оштетени или целосно урнати се околу 1.600 објекти.
„Земјотресот беше страшен, се чинеше дека нема да заврши, беше долг и силен. Сè падна, сè се распука. Во нашата зграда истекуваше вода. Кога се симнавме видов дека зградата до нас беше целосно урната“, изјави Сандра, жителка на оштетена зграда во Кали.
„Има голема штета. Има области што се урнаа во близина на болницата. Дури видов и згради како паѓаа“, изјави жител на Кибдо.
Земјотресот бил почувствуван и во соседните Еквадор и Панама, каде што засега е пријавена минимална материјална штета. Американскиот Стејт департмент најави 15,5 милиони долари итна помош за обезбедување засолништа, храна и други неопходни средства. Помош најавија и повеќе земји од Латинска Америка.
„Дадов наредба да се организира хуманитарна помош за испраќање во Колумбија, заедно со спасувачкиот тим“, изјави Делси Родригез, в.д претседателка на Венецуела.
Помош пристигнува и од ЕУ.
„Веќе го мобилизиравме „Коперник“, нашиот сателитски систем, за да ги олесниме спасувачките операции. И подготвени сме да обезбедиме дополнителна помош“, објави Урсула фон Дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Очајната сцена потсети на пребарувањата што сè уште се во тек во соседна Венецуела, неколку недели откако таа земја беше опустошена од два силни земјотреси кон крајот на јуни во кои загинаа над 6.300 луѓе.
Бојана Крстевски
