Прогласена епидемија

12.08.2026 15:37

Почина 83-годишен пациент заразен со западнонилска треска. Здравствените власти прогласија епидемија во неколку скопски општини.

83-годишен скопјанец почина од западнонилска треска на Инфективната клиника, бројот на заразени во главниот град расте. На клиниката се лекуваат 20 пациенти, од нив петмина се на респиратор. Сите се повозрасни и имаат други хронични заболувања, како и починатиот.

„Пациентот беше со ослабен имунитет, имаше и други придружни заболувања како слабо срце, хипертензија. Уште петмина пациенти се во потешка клиничка слика и се наоѓаат на одделот за интензивно лекување“, вели д-р Фадил Цана – директор на Клиниката за инфективни болести.

Здравствените власти прогласија епидемија во пет скопски општини – во кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Илинден и Бутел. На дел од овие подрачја веќе е извршена теренска дезинсекција против комарци, а на дел деновиве. Епидемиолозите со апел до граѓаните да ја отстрануваат застојаната вода од дворовите, да користат спрејови, а земјоделците да не работат на нивите во предвечерието кога комарците се најактивни.

„За населението би препорачале користени репеленти, поставување на мрежи на прозорци и врати, да се избегнува престој кога комарците се најактивни тоа е во самрак и во зори и доколку мора да излезат во тој период од денот да носат долги ракави, ногавици или посветла облека“, изјави д-р Златко Арсеневски – епидемиолог во Центарот за јавно здравје.

Досега во земјава се потврдени 24 случаи со западнонилска треска, за двајца во тек се лабораториските анализи.

Западнонилската треска се пренесува преку убод од заразен комарец. Кај поголем дел до заразените инфекцијата може да помине без симптоми или со лесна клиничка слика, но кај повозрасните и лицата со ослабен имунитет постои ризик од тешки невролошки компликации.

И во Европа бројот на заразени со западнонилска треска расте. Зголемен број инфицирани бележи соседна Грција, Италија, Шпанија, Романија, Франција и Германија.

Андријана Ѓурческа