115 санкции за непрописно престигнување на патиштата низ државата
Вкупно 115 возачи се санкционирани за непрописно престигнување во акциска контрола на МВР спроведена вчера на територијата на целата држава. Најмногу прекршоци се констатирани на подрачјата на СВР Тетово и СВР Охрид.

Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи вчера спроведе акциска контрола за санкционирање на возачи кои непрописно престигнуваат на патиштата низ државата.
Контролата се одвивала од 16 до 21 часот, при што се санкционирани вкупно 115 возачи. Од нив, 35 се санкционирани на подрачјето на СВР Тетово, 34 на подрачјето на СВР Охрид и 19 на подрачјето на СВР Битола.
За време на контролата биле санкционирани и 224 возачи за други видови сообраќајни прекршоци.
Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, со цел поголема безбедност на патиштата.
