Случај „Пулс“

Сведочење на градежен вештак на судењето за „Пулс“

12.08.2026 18:55

Во судницата во Идризово продолжи процесот за пожарот во кочанската трагедија „Пулс“ во која загинаа 63 лица над 200 беа повредени. Градежен вештак пред судот откри дека просторот на кој се наоѓала дискотеката бил наменет за лесна индустрија и газдата наместо да бара пренамена на објектот, незаконски го адаптирал. Родителите на загинатите прашаа, зошто инспекциите не реагирале навреме?

Ако сакал да отвори дискотека, газдата на „Пулс“ требало да иницира измена на ДУП-от, а потоа и да поднесе барање за пренамена на објект доставувајќи проект и документација. Наместо тоа, одлучил незаконски да го адаптира просторот кој по закон е наменет за лесна, незагадувачка индустрија. Ова, во исказ пред судот го кажа експертката за урбанизам која го изработи вештачењето по налог на Обвинителството. Обвинетиот Дејан Јованов имал и втора можност, рече експертката – да отвори клуб на законски дозволена локација.

„Наместо да избере некоја од овие две легални можности, инвеститорот се одлучил да изврши нелегална пренамена на објектот, спротивно на одредбите од ДУП и спротивно на урбанистичкото планирање. Според важечката регулатива и урбанистичкиот план од 1998 година па се до денес не е дозволена пренамена на објектите од лесна индустрија во објекти за угостителска дејност“, изјави Душица Трпчевска – Ангелковиќ вешто лице за урбанистички прашања.

Инспекциските служби имале доволно време да извршат надзор, велат родители на загинатите, но не направиле ништо.

Процесот продолжува со сослушување на останатите експерти кои работеле на градежното вештачење.

 

Анита Димитријевска - Велковска