Водата во Гостивар останува за техничка употреба
Гостиварци и натаму немаат зелено светло за користење на водата за пиење. Се чекаат уште лабораториски резултати, а од Министерството за здравство најавуваат дека анализите треба да бидат готови до 20 август.

Водата во Гостивар останува за техничка употреба, институциите сè уште не даваат зелено светло за нејзина употреба. Од здравство велат преостанува уште една анализа за да се види дали е безбедна за употреба, финалната одлука ќе ја носат надлежните институции.
Од Кризниот штаб очекуваа многу наскоро гостиварци да имаат безбедна вода за пиење. Се чека три последователни лабораториски анализи да потврдат дека е целосно исправна.
Во Гостивар засега нема нови случаи на заболени, вели за МТВ директорот на гостиварската болница Емри Бајрами. Но, не престануваат партиските препукувања.
Опозицијата обвинува дека имаат информации за новозаболени и случаи на реинфекција кај граѓаните. Од владејачката партија возвратија-се криеле 400 извештаи дека водата е загадена во време на владата на СДСМ.
Од здравство најавија дека анализите ќе бидат готови до 20 август. Во меѓувреме голготата на гостиварци продолжува. На пеколни температури питка вода добиваат од цистерни, а на неколку пунктови се дели и флаширана вода.
Викторија Милевска
