Случај „Државна лотарија“

Обвинение против Артан Груби и уште седуммина за злоупотреба на службената положба

13.08.2026 17:12

Обвинителството поднесе обвинение против поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште седум лица за набавка на видеолотариски терминали, со која, според ОЈО, е направена штета од повеќе од осум милиони евра. За Груби се бара продолжување на куќниот притвор, а за поранешниот директор на Државна лотарија, Прпарим Бајрами – ефективен притвор по неговото пронаоѓање и апсење.

На десетина дена пред истекот на рокот, испорачано обвинението за поранешниот вицепремиер Артан Груби. Тој, заедно со уште седуммина обвинети се товари за злоупотреба на службената положба. Обвинетите во 2023 и 2024 година заеднички овозможиле купување на видеолотариски терминали иако знаеле дека Државната лотарија нема право самостојно да приредува игри на среќа, соопштуваат од обвинителството. Поранешниот директор на Лотарија, Прпарим Бајрами кој е во бегство доставил до владата информација со која побарал Лотарија самостојно да приредува игри на среќа и за тие потреби да купи опрема. Информацијата стигнала на владина седница, со која претседавал Груби. Била усвоена иако ваквата одлука не била во надлежност на Владата, велат од ОЈО.

„Тие биле свесни дека акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија немало право да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали на територијата на државава, бидејќи во 2013 година го вложило тоа право како непаричен влог со вредност од 6.2 милиони евра при основањето на Друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА, за што се стекнало со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото“, соопштуваат од Обвинителството.

Штетата се проценува на повеќе од 8 милиони евра. Обвинителството бара ефективен притвор за екс – директорот Бајрами веднаш штом биде пронајден и уапсен. Истовремено за Груби се предлага продолжување на мерката куќен притвор.

Анита Димитријевска – Велковска