Сточарство

Болест ги уништува стадата овци во Македонија

17.08.2026 12:11

Македонија може да остане без овци – алармираат сточарите. Сипаниците кај малите преживари веќе уништија над 10 илјади овци и 50 цели стада болеста не се лекува, а вакцините допрва треба да пристигнат. Одгледувачите обвинуваат – предупредувале со месеци, но институциите задоцниле со реакцијата …

Македонија може да остане без овци. Над 10 илјади овци се веќе уништени од болеста сипаници на мали преживари. Во Македонија има над 50 жаришта, главно во источна Македонија. Целосно се уништени 50 стада овци. Болеста не се лекува може само да се спречи со вакцинација. И покрај предупредувањата од одгледувачите цела година откако болеста се појавила во соседните земји, институциите не презеле ништо.

Одгледувачите беспомошно гледаат како за кратко им се разболуваат цели стада, и исчезнува егзистенцијата на семејствата што сè уште сакаат да се занимаваат со сточарство. Се чека најмалку 20 дена, надлежните да им ги уништат угинатите стада, а оштетата за грлата овци е 100 денари за килограм. Субвенциите за овци ќе им бидат исплатени само на одгледувачите чии стада се заболеле по 1 јули годинава.

Од Министерството за земјоделство најавиле дека дури сега ќе набавуваат вакцини од Турција. Досега не биле сигурни дека вакцинираните ќе може да ги извезуваат во Европската унија.

Во Македонија има од 250 илјади до 300 илјади овци. Секоја година се намалува интересот за одгледување.

Ирина Гелевска