МЗШВ

Охридското Езеро се порибува со 1,6 милиони единки охридска пастрмка

17.08.2026 15:10

Започна порибувањето на Охридското Езеро со охридска пастрмка. Во првата фаза ќе бидат пуштени 100 илјади единки произведени од вештачки мрест во 2025 година, а во септември следува втора фаза со уште околу 1,5 милиони единки.

Денеска започна порибувањето на Охридското Езеро со охридска пастрмка, во рамки на активностите за обновување и зачувување на популацијата на овој автохтон вид.

Во првата фаза предвидено е езерото да се пориби со 100 илјади единки, произведени од вештачки мрест во 2025 година. Подмладокот е со просечна тежина од околу 16 грама, а порибувањето ќе се одвива во следните пет до шест дена.

Активностите се спроведуваат на локалитетите Трпејца, Пештани, Радожда, Калишта, Охрид и Струга. Од овие места во текот на 2025 година биле уловени матици од природната популација, од кои е обезбеден репродуктивен материјал за вештачкиот мрест.

Во процесот учествуваше и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Албрим Хоџа, заедно со претставници на Државниот инспекторат за земјоделство и ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид.

Порибувањето се врши под надзор на надлежните институции, со присуство на инспектори од Државниот инспекторат за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Втората фаза ќе започне во септември, кога во езерото ќе бидат пуштени околу 1,5 милиони единки охридска пастрмка, одгледани во Хидробиолошкиот завод од вештачки мрест во 2026 година. Оваа фаза се очекува да трае околу три недели.

Со двете фази, Охридското Езеро ќе биде порибено со вкупно околу 1,6 милиони единки охридска пастрмка, со цел обновување и зачувување на популацијата на овој автохтон вид и заштита на биолошката разновидност на езерото.