Продолжува судењето

„Пулс“ бил реконструиран без проект, надзор и одобрение

17.08.2026 15:32

Судењето за трагедијата во „Пулс“ продолжи со распит на градежни вештаци. Според вештакот, во објектот биле изведени низа зафати без проектна документација и стручен надзор, а дел од дополнително вградените материјали го зголемиле ризикот и ги влошиле условите за евакуација.

Со распит на градежни вештаци продолжи судењето за случајот „Пулс“, една од најголемите трагедии во поновата историја.

Градежните зафати во објектот „Пулс“ биле изведени нелегално, без проектна документација, без стручен надзор и без одобрение од надлежните институции, истакна вештото лице. Посочи и дека промените не можат да се третираат како надградба, доградба или адаптација, туку претставуваат реконструкција, за која е задолжителна целосна законска постапка, што во случајот ја немало.

Во објектот биле изведени надворешни скали, челични столбови, натстрешница, шанкови, ВИП ложа, преградни ѕидови. Внатрешните столбови биле маскирани со гипс‑картон, а поткровјето изведено со стаклена волна, гипс плочи и полиуретански сунѓер.

Промената од магацин во угостителски објект носи нови товари и влијае врз конструкцијата и безбедноста на објектот, посочи вештакот.

„Дополнително изведените зафати, предните ѕидови, летачката врата која содржела тесно грло на единствениот пат за евакуација многу ја намалиле пропусната моќ на објектот и директно ги влошиле условите за навремена и безбедна евакуација. Дополнително вградените материјали во објектот без стручен надзор, без контрола на квалитет како и полиуретанскиот сунѓер имале негативно влијание врз развојот и ширењето на пожарот и дополнително ги влошиле условите кои се создале во просторијата“, изјави Маријана Лазаревска – вештак.

Родителите на загинатите велат дека клопчето се размотува и очекуваат правдата да излезе на виделина.

Следното рочиште за случајот „Пулс“ е закажано за 20 август. Ќе продолжи со доказна постапка.

Ана Јосифоска