Вуди Харелсон го доби Почесното срце на Сараево
По церемонијата, актерот им се придружи на гледачите на проекцијата на „Добредојдовте во Сараево“, филм од 1997 година во кој има една од главните улоги. Во својот говор Харелсон се присети на неговото доаѓање во Сараево непосредно по завршувањето на војната.

Американскиот актер Вуди Харелсон го доби Почесното срце на Сараево за извонредниот придонес во филмската уметност. Наградата му беше врачена во преполното летно кино „Металац“, по што актерот заедно со публиката го проследи филмот „Добредојдовте во Сараево“.
Харелсон ја прими наградата од директорот на Сараевскиот филмски фестивал, Јован Марјановиќ, а публиката го поздрави со долг аплауз.
По церемонијата, актерот им се придружи на гледачите на проекцијата на „Добредојдовте во Сараево“, филм од 1997 година во кој има една од главните улоги. Во својот говор Харелсон се присети на неговото доаѓање во Сараево непосредно по завршувањето на војната.
Тој ги поздрави и своите колеги од филмот, Горан Вишњиќ и Емира Нушевиќ Нухиќ, која во филмот се појавува како единаесетгодишно девојче.
„Кога дојдов тука веднаш по војната, тоа беше огромен шок. Уништувањето беше незамисливо“, рече Харелсон, потсетувајќи на тешките последици од војната во Босна и Херцеговина.
„Добредојдовте во Сараево“ премиерно беше прикажан на Канскиот филмски фестивал во 1997 година, а истата година беше прикажан и на третиот Сараевски филмски фестивал. Филмот е базиран на книгата „Приказната на Наташа“ од британскиот новинар Мајкл Николсон и ја следи приказната за војната во Босна и Херцеговина и новинарите кои известувале од опколено Сараево.
Вуди Харелсон е меѓу најпознатите и најразновидни актери од својата генерација. Три пати бил номиниран за Оскар – за улогите во „Народот против Лари Флинт“, „Гласникот“ и „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“. Значајна улога имаше и во „Триаголник на тагите“ на Рубен Естлунд, филм кој ја освои „Златната палма“ во Кан.
