„Плејбои...“ на Драмски на јубилејниот фестивал „Град театар“ во Будва
Претставата е во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ, а станува збор за копродукција на Драмски театар Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче од Љубљана и „Град театар“ – Будва.

Драмски театар Скопје вечерва и утревечер ќе гостува на 40. јубилејно издание на фестивалот „Град театар“ во Будва со претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“. Претставата ќе биде изведена на летната сцена „Помеѓу црквите“ во Стариот град, со почеток во 21 часот.
Претставата е во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ, а станува збор за копродукција на Драмски театар Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче од Љубљана и „Град театар“ – Будва.
Во претставата настапуваат актери од четирите уметнички куќи од регионот – Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.
Авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан, преведувач, сценографот Лазе Трипков, костимографот Александар Ношпал, композиторот Владимир Пејковиќ и авторот на сценските движења Дамир Клемениќ.
„Град театар“ годинава се одржува по 40. пат, од 30 јуни до 23 август, со повеќе од 68 изведби од драмската, музичката и ликовната уметност, како и литературни читања и претставувања на автори од регионот и светот.
Јубилејното издание се одржува во година во која Будва беше домаќин на Самитот на Европската фестивалска асоцијација, на кој учествуваа повеќе од 200 директори на фестивали од 44 земји.
„Плејбои...“ по премиерата минатата година досега е изведена 18 пати, меѓу другото на „Охридско лето“, на Бриони во Хрватска и во рамките на регионалниот фестивал РУТА.
Гостувањето во Будва е можност за Драмски театар Скопје да ја претстави својата продукција пред нова публика, но и да ја продолжи регионалната соработка и размената на искуства со театарските институции и уметници од регионот.
