Москва и Киев во нова ескалација: Жестоки удари на фронтот, растат и политичките тензии во Украина
Москва и Киев повторно разменуваат жестоки удари со жртви и материјална штета, додека паралелно растат тензиите меѓу Русија и Западот, а во Украина се засилуваат повиците за враќање на изборниот процес.

Москва и Киев повторно разменуваат жестоки удари, во нова ескалација на фронтот, при што од двете страни се пријавени жртви и материјална штета. Во Херсон руски дрон погодил автобус, додека Запорожје повторно се најде под руски оган.
„Седев тука кога одеднаш - бум, тресок - и стакло почна да паѓа врз мене. Од ударот паднав во несвест, но кога се освестив, видов дека немам некои други посериозни повреди“, вели Александар, жител на Запорожје.
Киев возвраќа со дронови врз цели на руска територија. Погодена е рафинерија за нафта во Уфа, каде што избувнал пожар. Додека нападите се интензивираат, растат и тензиите меѓу Москва и Западот. Русија испрати ново предупредување до Лондон поради вклучувањето на британските ракетни сили во нападите врз Руската Федерација.
„Жал ми е за Британија ако остане со Украина до горчливиот крај. Министерството веќе излезе со став, а тоа значи само едно: имаме право да дејствуваме и имаме право директното учество на британските ракетни сили во нападите врз Руската Федерација, да го сметаме за учество во војна, со сите последици што произлегуваат од тоа“, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Од воениот, тензиите се префрлаат и на политичкиот фронт во Киев. Поранешниот министер за одбрана Михајло Федоров, разрешен кон крајот на јули по само шест месеци на функцијата, повика на одржување претседателски избори и покрај војната. Неговиот повик доаѓа по протестите што следеа по неговото разрешување и во време на зголемен политички притисок врз власта.
„Мора да го обезбедиме правото на глас за воениот персонал, за милионите Украинци што живеат во странство и за луѓето во регионите на фронтот. Демократијата не е луксуз на мирно време. Демократијата е дел од она за што се бориме денес. Не смееме да дозволиме Путин да одлучи кога украинците можат да ја изберат својата влада. Украинската демократија не смее да зависи од добрата волја на Кремљ“, изјави поранешниот министер за одбрана на Украина, Михајло Федоров.
Федоров сега бара „законски, безбеден и реалистичен механизам“ за враќање на изборниот процес, иако во Украина сè уште е на сила воената состојба. Во услови на воена и политичка неизвесност, Зеленски продолжува да бара поддршка од западните сојузници.
„Благодарни сме на Белгија за поддршката од една милијарда оваа година, која е многу важна. Благодарни сме и за продолжувањето на програмата за Ф-16. Се надеваме дека таа ќе го поддржи нашиот воздушен арсенал“, истакна украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Зеленски во септември очекува нов напредок и во европските интеграции, додека на домашен терен Киев се соочува со сè погласни барања за враќање на изборниот процес.
Бојана Крстевски
