Образование

Три нови училници во ОУ „Александар Македонски“ – инвестицијата ќе овозможи едносменска настава

19.08.2026 14:26

Во училиштето денеска увид во градежните активности извршија министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Аеродром Дејан Митески.

Во ОУ „Александар Македонски“ во Реонски центар во Аеродром се доградуваат три нови училници, со што треба да се создадат услови за едносменска настава за сите ученици. Инвестицијата е вредна 2,2 милиони денари, а градежните работи треба да завршат за три месеци.

Во училиштето денеска увид во градежните активности извршија министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Аеродром Дејан Митески.

Јаневска посочи дека воведувањето едносменска настава е приоритет и дека досега концептот е прифатен во повеќе од 200 училишта. Според неа, едносменската настава овозможува учениците наставата да ја следат наутро, кога се поконцентрирани, подолго да престојуваат во училиштето и повеќе да се социјализираат.

Министерката информираше дека во моментов се инвестира во доградба на училници во шест училишта, додека се изработуваат или веќе се изработени уште 15 проекти за проширување на капацитетите на други училишта.

„Активностите на терен етапно започнуваат отприлика од ноември месец годинава, а сите треба да бидат започнати до пролетта следната година“, рече Јаневска.

Градоначалникот Митески информираше дека училиштата во општина Аеродром интензивно се подготвуваат за новата учебна година. Учебниците за сите ученици се пристигнати и ќе бидат распределени на првиот училишен ден.

Четвртоодделенците и оваа година ќе добијат таблет-уреди, кои Општина Аеродром ги обезбедува преку општинскиот буџет.