Дипломатија

Муцунски-Мацинка: Чешка ја поддржува европската интеграција на Македонија

19.08.2026 13:51

Денеска во Охрид, билатерална средба меѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и заменик-претседателот на владата и министер за надворешни на Чешката Република, Петр Мацинка. Во рамките на официјалната посета, пленарна средба одржаа и делегациите на двете министерства.

Чешка ја поддржува европската интеграција на Македонија и е подготвена да го сподели своето искуство од пристапниот процес, порача чешкиот министер за надворешни работи Петр Мацинка по средбата со шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски во Охрид. Муцунски нагласи дека земјава е подготвена да ги спроведе потребните реформи, но очекува кредибилен и предвидлив процес заснован на европските критериуми.

„Наша приоритетна цел е да ја видиме Северна Македонија во Европската Унија што е можно побргу и сме подготвени да направиме сè што ќе биде потребно. Тоа не е само битно за вас, туку и за нас“, рече Мацинка.

Муцунски ја оцени посетата како потврда на пријателството и партнерството меѓу двете земји, кои годинава одбележуваат 35 години од независноста на Северна Македонија и повеќе од три децении дипломатски односи.

На средбата биле разгледани можностите за продлабочување на политичкиот дијалог, економската соработка, трговијата и инвестициите, како и соработката во областите на миграцијата, културата и образованието.

Муцунски посочи дека Чешка е меѓу 15-те најзначајни трговски партнери на Северна Македонија, но постои простор за дополнително унапредување на економската соработка, особено во транспортот и инфраструктурата, енергетиката, туризмот, земјоделството и технолошките инвестиции.

На средбата биле опфатени и безбедносните прашања. Како сојузници во НАТО, двете земји имаат заедничка одговорност за зачувување на мирот, безбедноста и стабилноста во Европа и регионот, посочи Муцунски.