Пожарите не стивнуваат
Во Мариово огнената линија се движи кон Крушевица, додека Чаниште е безбедно. Пожари има и во Студеничани и Македонски Брод.

Пожарот во Мариово сè уште се гасне и од небо и од копно. По целовечерната тешка битка со огнените стихии, селото Чаниште сега е безбедно, а огнот се движи кон селото Крушевица, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Додава дека ниту едно село не е во опасност, а безбедни се и трите манастири од зафатениот регион. Екипите на терен со специјални возила и ер-трактори продолжуваат со обидите, долгата огнена линија да се стави под контрола.
Пожари се гасат и во други региони од Македонија или поконкретно, во Студеничани и во Македонски Брод.
Пожарот во Студеничани зафаќа поголема површина, додека кај Македонски Брод е намален, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување. Апелираат на внимателност од страна на граѓаните, бидејќи и најмала искра може да направи голема катастрофа, а променливиот ветер дополнително може да ја влоши состојбата.
Марија Котовска
