Жестоки напади врз Киев, Украина возвраќа со удари врз руски цели
Крвава ноќ во Киев. Русија изврши нов бран масовни напади со дронови и ракети. Романија пријави дрон урнат на своја територија, Полска крена борбени авиони. Во исто време, украинските удари длабоко во Русија оставаат последици – Москва се соочува со недостиг на гориво и нов удар врз економијата.

Нов бран руски смртоносни напади со дронови и балистички ракети врз Киев и регионот. Бројот на жртви расте, десетици се повредени, а илјадници домови останаа без струја. Романија пријави дека дрон се урнал на нејзина територија за време на рускиот напад, а Полска крена борбени авиони.
„Согласно важечките процедури, Оперативната команда ги активираше потребните сили и ресурси со кои располага. Копнените системи за противвоздушна одбрана и радарското набљудување се ставени во состојба на готовност“, соопшти Министерството за одбрана на Полска.
Русија ги засилува балистичките удари врз Киев, обидувајќи се да ги исцрпи ограничените залихи на украинската противвоздушна одбрана. Во исто време, Украина возвраќа со напади со долг дострел врз руски воени и стратешки цели.
Покрај засилените борби, во Киев се заокружува и промената во одбранбениот сектор. Парламентот го потврди Хмара за министер за одбрана, по смената на Федоров, кој бара одржување избори што дополнително го засили политичкиот притисок врз Зеленски. Тој очекува новиот министер да ги зајакне украинските одбранбени и офанзивни способности пред зимата.
„Главна задача за украинскиот министер за одбрана е правилно да ги постави нашиот одбранбен систем. Тој мора да обезбеди сè што е потребно за одбивање на руските напади, задржување на позициите на фронтот и за нашите активни дејствија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Но, додека Киев се соочува со руските удари, Москва ги чувствува последиците од украинските напади. Во земјата се појавува нов бран недостиг на гориво, а Путин призна дека нападите ѝ нанесуваат штета на руската економија.
„Јасно е дека на темпото на економската активност удрија повеќе фактори, како и нападите врз индустриските и инфраструктурните објекти. Овие напади не доведоа до критични последици, но сепак ни нанесуваат штета“, нагласи Владимир Путин, претседател на Русија.
Московските власти веќе почнаа со рационализирана дистрибуција на горивото и воведуваат квоти за продажба.
Бојана Крстевски
