Расте интересот за изучување на македонскиот јазик во странство
Македонскиот јазик има свои изучувачи на сите континенти. Расте интересот за него, се отвораат нови лекторати, а во Охрид 60 македонисти од целиот свет учествуваат на 59-тата летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Меѓу нив и студенти и академици без македонско потекло, кои велат дека јазикот го изучуваат од љубов, наука и интерес кон македонската култура.

Македонскиот јазик се изучува на сите континенти и меридијани. Расте интересот за него, а со отворањето нови лекторати се проширува и неговото присуство на светските универзитети. Денес лекторати има во 12 земји, отворени се три нови. Охрид и годинава е светска точка на македонистиката – на 59-тата летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура учествуваат 60 македонисти од сите страни на светот.
„Исклучително е важно да се отвораат нови лекторати, но и да се задржи континуитетот на веќе постојните, бидејќи тие ја прават таа мисија. Ние сме прапотомци, секако, на големата мисија на Охридската книжевна школа, и тие постулати на просвета, на проширување на знаењето за македонскиот јазик, литература и култура, се највисока наша репрезентативност во светот. Таа е голема афирмација“, изјави Кристина Николовска, директорка на Меѓународниот семинар.
„Имаме 12 лекторати на странски универзитети каде што се изучува македонскиот јазик, што е навистина значаен успех. Тоа се три нови лекторати. Повторно се возобнови, после 15 години, лекторатот во Неапол. Отворивме нов лекторат пред две години во Тирана, а сега отвораме и во Нитра. Така што имаме голем број на лица на странски универзитети за кои е посебно значајно што сакаат да го изучуваат македонскиот јазик“, изјави Билјана Ангелова ректор на УКИМ.
Доказ дека македонскиот јазик ги надминува границите на потеклото се вљубеници во нашиот јазик од Америка, Канада, Полска но и далечните азиски земји.
„Многу ми се допаѓа македонската култура и литература, а македонскиот е баш убав јазик. Сакам да го подобрам мојот македонски преку учењето во семинарот и летната школа“, изјави Винсент Батаља.
„Македонскиот јазик за мене е јазик на многу интересна култура. Кога првпат го запознав, ми беше интересен затоа што се разликува од многу од словенските јазици што ги познаваме денес. Затоа многу ми се допадна неговото изучување“, изјави Алан Тулач студент на Вроцлавскиот универзитет.
„Многу ми се допадна македонскиот јазик поради неговата единственост, историјата на јазикот, па дури и звукот на јазикот, бидејќи мислам дека е многу мелодичен јазик. Сега го предавам на факултетот во Торонто“, изјави Крис Холмс македонист од Канада.
Но, додека интересот за македонскиот јазик расте во странство, во земјава потребна е стратегија за зголемување на бројот на студенти на македонските катедри.
Соња Рилковска
