Пожари

Ангелов: Изгаснат пожарот кај Лопатица, под контрола и огнот во Мариово

21.08.2026 09:49

Пожарот што ноќеска ги загрози селата Лопатица, Подмоље и Бонче е ставен под контрола, а најголемиот дел од огнената линија е целосно изгаснат, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.

Ангелов утрово соопшти дека селата Лопатица, Подмоље и Бонче се безбедни, откако пожарникарите и доброволните екипи во текот на ноќта успеале да го запрат ширењето на огнот.

Тој им се заблагодари на прилепските пожарникари кои со контрапожар и претходно изработена противпожарна пресека спречиле пламените јазици да се доближат до селото Подмоље. Благодарност упати и до тимот за брз одговор на ДЗС, составен од пожарникари од Битола и Кочани, кои интервенирале на тешко пристапниот терен.

Според Ангелов, активен е уште еден крак високо над селото Бонче, но пожарот е под постојан надзор. Тој предупреди дека поради високите температури можно е повторно активирање на одделни делови од огнената линија.

„Оптимист сум дека денеска ќе успееме целосно да го изгаснеме овој најголем пожар сезонава“, изјави Ангелов, кој повторно апелираше граѓаните да бидат внимателни и да не предизвикуваат пожари.