Собрание

Пратениците се враќаат во собраниските клупи, првата пленарна седница на 2 септември

21.08.2026 12:45

По августовската пауза, пратениците се враќаат со собраниски активности. Првата нова пленарна седница е закажана за 2 септември, со 53 точки на дневниот ред.

Со денешната работна сесија на Советот на амбасадорите, на која ќе се обрати претседателот на Собранието Африм Гаши, започнуваат активностите по летната пауза.

На 121. пленарна седница, меѓу другото, ќе се разгледува именување вицегувернер на Народната банка, повеќе ратификации, предлог-закон за пријавување и проверка на странски директни инвестиции, како и Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026-2030.

На дневен ред се и повеќе закони по скратена постапка, главно поврзани со усогласувања со новиот Закон за високи раководители.

Иако пратениците официјално се на летна пауза од 1 август, од Кабинетот на Гаши посочуваат дека претседателот на Собранието продолжува со работните активности. За 25 август се најавени средби со турскиот амбасадор Фатих Улусој и постојаната координаторка на ОН, Рита Колумбија.