„Училишната кошничка“ треба да ги намали трошоците за почетокот на учебната година
Крајот на август започнуваат и подготовките за стартот на учебната година, ова е дополнителен трошок за родителите. Според нив, сите потребни училишни материјали, заедно со ранец, можат да се купат за 2.500 до 3.000 денари, на ова се додаваат и трошоците за облека и обувки. Од владата најавија и оваа година ќе се активира мерката „Училишна кошничка“ по сличен модел како во изминатите две години.

За учениците летниот распуст полека завршува, но за родителите веќе се започнати подготовките за новата учебна година. На списокот се ранец, тетратки, моливи, фломастери, пенкала, боички, блокови. А кога на сето тоа ќе се додаде и облека и обувки, сумата значително расте. Од подготовките за внуците ученици, не се исклучени ниту бабите и дедовците.
Во меѓувреме, Владата најави формирање на училишна кошничка. Во вторник се очекува да биде донесена одлука со која би се опфатиле најпотребните производи за почетокот на учебната година, со намалени цени. Мерка која се применуваше во изминатите две години. За дел од граѓаните ова е добра мерка.
Иако за дел од родителите оваа мерка е незначителна, за оние семејства кои имаат двајца или повеќе ученици, училишната кошничка значи значителна заштеда.
Од книжарниците велат дека до сега нема промена ниту во набавната, ниту во продажната цена, иако трошоците за живот во последните години се во пораст.
Општина Битола и оваа година со финансиска поддршка за семејствата со првачиња во висина од 3.000 денари.
Александра Максимовска
