Вашингтон најави „економска војна“ против Иран, Техеран ги осуди заканите

21.08.2026 14:03

САД најавуваат најстроги санкции досега против Иран и не исклучуваат воен притисок, додека Кина повикува на дипломатско решение, а тензиите на Блискиот Исток остануваат високи.

Вашингтон најави економска војна против Иран, но не ја исклучува можноста за воен притисок за да ја спречи обновата на нуклеарната програма. САД се заканија со најстроги санкции досега за економско слабеење и колапс на иранскиот режим. Ги предупредија земјите да не ги одржуваат економските врски со Иран. Техеран, пак, ги осуди заканите.

„Имаме блокада и ќе имаме најстроги санкции во историјата. Ќе ја урнеме економијата на режимот. Тоа ќе ја ограничи неговата способност да ја финансира војската. Ова ќе функционира во Иран и ние ќе го уништиме овој режим“, изјави американскиот секретар за финансии, Скот Бесент.

Кинеското Министерство за надворешни работи ги отфрли заканите на Трамп за „економска војна“ против државите што тргуваат со Иран, оценувајќи дека таквиот пристап нема да придонесе за решавање на тензиите на Блискиот Исток.

„Кина тврди дека воените средства, санкциите и притисокот нема да помогнат во решавањето на проблемот. Тие само ќе ги влошат тензиите и ќе ја ескалираат ситуацијата, што не е во ничиј интерес. Се спротивставуваме на едностраните санкции и ги повикуваме сите релевантни страни да го решат проблемот преку политички и дипломатски средства“, изјави Лин Џијан, портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина.

Намалениот сообраќај низ Ормускиот Теснец ја зголемува загриженоста за енергетските пазари. Катар најави дипломатски напори за нормализирање на пловидбата.

„Катар работи за да пронајде дипломатски начини за враќање на пловидбата во нормален тек и се надеваме дека ова ќе биде позитивен чекор кон целосно смирување на кризата. Исто така, важно е да се запомни дека слободата на пловидбата мора да биде гарантирана, а морските патишта не треба да бидат заложник на никаква политичка уцена“, изјави премиерот на Катар, Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани.

Тензиите и натаму остануваат високи. Хутите пријавија нови напади врз цели во Саудиска Арабија, додека САД воведоа санкции за лица поврзани со финансиската мрежа на Хезболах. Вашингтон, истовремено, го засилува военото присуство во регионот.

Катерина Бојаџиева